Цените на нафтата и нафтените деривати во Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали во регионот и доколку Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска донесе одлука за нивно зголемување, уверуваат властите и порачуваат дека државните резерви се полни.
– Сите резерви на нафтени деривати и државни и оперативни се полни и испораки се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации, истакна министерот за економија Крешник Бектеши при вчерашната посетата на трговскиот центар „Ист гејт мол“.
Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да донесе одлука за новите малопродажни цени на горивата што ќе важат во наредните седум дена. Цената на горивата на светските берзите во изминатата недела постојано расте, а цената на суровата нафта во петокот надмина 120 долари по барел. Сепак, министерот Бектеши уверува дека и да се случи раст на цените тие повторно нема да бидат повисоки од оние во соседните земји.
РКЕ во средата објави дека цената на ЕУРОДИЗЕЛ горивото во првата недела од март е најниска во земјава и изнесува 1,221 евро за литар, а највисока цена плаќаат во Грција од 1,621 евро, потоа во Албанија од 1,609 евра, па Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Романија, Унгарија, Бугарија и Босна и Херцеговина,.
Како што тогаш истакнаа од РКЕ, просечната цена на дизелот во регионот е 1,419 евро, а кај нас цената е пониска за 13,953 отсто.
Кога станува збор за бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 единствено во Бугарија и Босна и Херцеговина се точи по цена незначително пониска од нашата и тоа со отстапка во прва, односно втора децимала. Кај нас се точи по цена од 1,361 евро, што е пониска цена од она во Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Србија, Словенија, Романија и Унгарија.
Просечната цена, пак, на бензинот во регионот е 1,463 евра, а кај нас е пониска за 6,972 отсто.
Сепак во текот на минатата недела некои бензински станици ја ограничија количината гориво што можат да ја набават граѓаните и дозволуваа граѓаните да купат гориво само во вредност од 500 до 1.000 денари.
Како одговор на тоа министерот Бектеши тогаш порача дека нема простор за никаква паника во делот на снабдување со нафта и нафтени деривати.
– За мен е е несфатливо како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи сите анализи покажуваат дека и компаниите сами имаат залихи, а дополнително и Агенцијата за стокови резерви има нафта и бензин и сите други деривати кои се пропишани. Ги повикувам сите граѓани да не чекаат во колони на бензинските пумпи, бидејќи нема никаков простор за паника, рече тогаш Бектеши.
Од најголемиот дистрибутер и продавач на горива во земјава „Макпетрол“ во петокот порачаа дека ќе продолжат да работат без застој и рестрикции.
– „Макпетрол“ и во овие особено тешки и комплексни услови поради новонастанатата глобално-политичка ситуација, како резултат на која има неколкукратно зголемување на цените на сите нафтени деривати, ќе продолжи да работи без застој и рестрикции со цел граѓаните и компаниите да функционираат без проблеми, порачаа од компанијата.
Сепак, од компанијата потенцираа дека набавката на гориво во буриња, канистри, канти и други садови е спротивно на законските регулативи, бидејќи несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината.
Министерот за економија токму затоа вчера беше на терен за да ги провери шпекулациите дека во маркетите се празнат рафтови, а трговците со нафта и нафтени деривати чуваат резерви со цел да ги продадат по повисоки цени. При тоа порача дека инспекциите постојано вршат контроли и оти нема простор за паника.
– Имајќи го предвид капацитетот на Пазарниот инспекторат ние донесовме дополнителна одлука да се вклучи Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, се со цел да се зголеми бројот на инспектори кои ќе вршат контроли. Инспекциите се вршат и во сабота и во недела, рече Бектеши.
Најави дека денеска ќе имаме координација со сите кои вршат контрола и ќе ја известат јавноста во делот на наодите.
– Колку што имам информации, веќе почнаа да се полнат сите рафтови на маркетите, нема колони на бензинските пумпи. Нема простор за грижа, не треба да се создава паника, имајќи предвид дека во континуитет сите трговци, сите дистрибутери, сите увозници имаат доволно испорака, согласно потрошувачката која е редовна во нашата држава, наведе министерот за економија.
Тој упати апел до граѓаните да купуваат согласно нивните потреби и доколку забележат празни рафтови во маркетите да пријават на 191 за да постапуваат инспекторите.
Министерот за економија при вчерашната посета на трговскиот центар „Ист гејт мол“, како што кажа, во разговор со вработените бил информиран дека им се исплаќаат поголеми дневници за работа во недела, согласно новите законски измени.