Иранскиот претседател Хасан Рохани ја оквалификува како „одговор на вашето зло“ одлуката на официјален Техеран да збогатува ураниум до 60 проценти, по кибер-нападот врз нуклеарната централа Натанц, поврзувајќи го инцидентот со тековните преговори во Виена за иранскиот нуклеарен договор со светските сили.

Израел е осомничен за нападот извршен изминатиот викенд врз иранската нуклеарна централа во Натанц, јавија американски медиуми.

Обраќајќи се на Владата, Рохани истакна дека оштетените центрифуги IR-1 од првата генерација во Натанц ќе бидат заменети со напредни центрифуги IR-6, кои многу побрзо збогатуваат ураниум.

– Збогатувањето од 60 проценти е одговор на вашата злоба…Вие сакавте да ги извадите сите аргументи од наши раце за време на разговорите, нагласи Рохани.

Центрифугите IR-6 збогатуваат ураниум многу побрзо отколку центрифугите IR-1 од првата генерација. Иран вчера објави дека ќе збогатува ураниум на највисоко ниво досега како одговор на нападот врз Натанц изминатиот викенд.