Украинската влада ја известила Белата куќа дека планира да го отпушти командантот на вооружените сили на земјата, генерал Валериј Залужни, објави Ројтерс, повикувајќи се на два, како што се наведува, добро упатени извори, пренесува БТА.

За ова прашање веќе неколку дена се расправа во јавноста, со спротивставени извештаи.

Потегот за смена на Залужни, кој се судри со претседателот Володимир Зеленски околу воената стратегија и други прашања, доаѓа по контраофанзивата минатата година во која Украина успеа да врати само мал дел од нејзината територија окупирана од Русија.

Извор близок до канцеларијата на Зеленски изјавил дека двајцата се во несогласување околу тоа дали да започнат нова кампања за воена мобилизација на половина милион Украинци.

Според цитираниот извор, отказот на Залужни е одложен бидејќи властите се уште не одлучиле кој ќе го замени.

САД не се спротивставиле на плановите на Киев. Белата куќа соопшти дека е суверена работа Украина да донесе сопствена одлука, изјавил вториот извор за Ројтерс.

Фото: ЕПА