Повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и светот, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации, ќе бидат дел од годинешното 58. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.

Честа да го отвори годинешното фестивалско издание и припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која на 12 јули на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Николае Молдовану.

На денешната прес-конференција на која беше објавена програмата на годинешното издание на „Охридско лето“ беше истакнато дека Мошуц критиката ја оценува како една од петта најдобри сопранистки на денешницата, со репутација на еден од најразновидните и експресивни сопрани на својата генерација.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски за уметничката програма на фестивалот рече дека е работена во согласност со престижниот углед што го ужива Фестивалот, како бренд на македонската култура и е еден од главните столбови  на меѓународниот углед на Македонија во културата и уметноста на регионално и на светско ниво.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Васо Ристов нагласи дека Охрид ќе стане вистинска културна метропола, како и досега ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји само заради овогодинешните ѕвезди и квалтетната програма.

– И оваа година нашите заложби се Фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, каде ќе се врати сјајот на класичната музика…Традиционално имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, рече Ристов.

Меѓу нив тој како посебни музички доживувања ги најави концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуизот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот „Академи оф солист“ камерен оркестар.

Во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската Опера и Балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници…

Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Селекторот на драмската програма Александар Поповски како посебно театарско доживување ја најави претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче, Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се спушти завесата на годинешното фестивалско издание, со според него,  можеби најголемиот проект во драмската фестивалска програма на Античкиот театар.

В.Д. диркеторката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска изрази задоволство што благодарение на посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим завршени се сите подготовки за да бидат достојни домаќини на бројните уметници и вљубениците во уметноста.

Фестивалот „Охридско лето“ се реализира под покровителство на Претседателот на РМ.