На никој не му оди во корист одново отворање на веќе решен спор, нешто што би имало последици на односите со европските партнери, но и во социјалниот и економскиот развој.
Ова го вели државниот министер за Европа на Министерство за надворешни работи на Германија, Михаел Рот во интервју за грчкиот весник „Етнос“, одговарајќи на прашањето доколку некоја друга влада дојде на власт и во двете земји, дали стравува од можно враќање назад во однос решението на спрот за името меѓу Атина и Скопје, јави МИА од Атина.
-Не гледам причина зошто идните влади одново би разгледале еден спор што е решен. Такво нешто сериозно би им наштетило на односите со европските партнери, со соодветни последици за социјалниот и општествениот развој. Ова сценарио не е во ничија корист. Само можам да испратам апел до сите партии да одговорат на околностите. Инаку, важи стариот добар фундаментален принцип на правото „pacta sunt servanda“, вели Рот.
Во однос на Договорот од Преспа, германскиот министер истакнува дека спорот за името долго време бил предмет на внатрешно политичко искористување на товар на граѓаните од двете земји.
-Договорот од Преспа, конечно ја поставува основата за мир, стабилност и просперитет, а со тоа и за меѓусебно почитување и пријателство, како што би требало да се подразбира, за две соседни земји во Европа. Сега, важно е трпеливо да се објаснат фактите на договорот и да се поддржи неговата содржина. Сигурен сум дека тогаш многу сомнежи ќе се тргнат, објаснува Рот во интервјуто за „Етнос“.
Германскиот министер изразува оптимизам дека и оваа година извештајот за напредокот на Северна Македонија од Европската комисија ќе донесе позитивна препорака, со оглед на тоа дека до сега, големата пречка беше прашањето за името.
-Европската перспектива за земјите од Западен Балкан мора да остане убедлива и изводлива. ЕУ и нејзините земји-членки мора да останат кредибилни за ова прашање, истакнува државниот министер за Европа на Министерство за надворешни работи на Германија и додава дека токму европската перспектива на земјите од регионот би била придонела за стабилизација на цела Европа и за една подобра иднина.
За германско – руските односи, вели дека Германија, ЕУ, но и балканските земји се стремат кон конструктивни односи со Русија, а во тие рамки е и трговијата. Додава дека особено во областа на енергијата, динамиката е голема, но тоа во никој случај не го исклучува критичкиот дијалог со Русија.
-Напротив, добри економски односи се основа за политички дијалог, истакнува Михаел Рот.