Најголемиот македонски производител на струја, термоелектраната РЕК Битола во изминатите години доделила серија тендери на фирмата Компас МСФ, чијшто единствен клиент е државната компанија, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Компас МСФ, чијашто сопственичка и нејзиниот сопруг се вработени во РЕК Битола не престанува да добива договори од државната компанија, и покрај очигледниот конфликт на интереси, а досега има добиено тендери вредни околу еден милион и 900.000 евра, пишува РСЕ.

Последниот договор, потпишан на 28 јуни, е за набавка на електроосигурувачи и држачи за осигурувачи во вредност од 542.800 денари или околу 8.800 евра.

Фирмата е за производство, трговија на големо и мало и формирана во јуни, 2009 година во Битола. Нејзин сопственик, според податоците на Централниот регистар, е Летка Фидановска, која е вработена во РЕК Битола. Нејзин сопруг е Менде Фидановски, кој не само што е вработен, туку е и претседател на синдикалната организација на РЕК Битола.

Седиштето на фирмата и адресата на Фидановска се на истo место, на улица „Цветан Димов“ бр.181, каде се наоѓа куќа на два ката без никакаква трага од Компас МСФ. На сите договори со РЕК Битола како директор на фирмата до март 2020 година е потпишана Летка Фидановска. Потоа таа фигурира само како сопственик на фирмата, а директор станува Мартин Фидановски, кој исто така има иста адреса на живеење како Летка Фидановска и како седиштето на фирмата.

Директорот на АД ЕСМ, државната компанија-мајка на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, вели дека во случајот нема прекршување во законските одредби. Според него, ниту можат ниту смеат да ограничуваат кои компании ќе се пријават на тендерите и работат транспарентно и отчетно.

– Доколку има било каков пропуст или во работењето на АД ЕСМ или РЕК Битола или пак во работењето на споменатата компанија, еве повикувам сите надлежни институции или истражни органи да проверат дали тие постапки биле спроведени согласно законите и процедурите и дали има било какво прекршување, вели Ковачевски на прашањето на РСЕ дали има конфликт на интереси во тендерите.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека ќе го разгледаат прашањето дали постои конфликт на интерес во доделувањето на тендерите на Компас МСФ.

Летка Фидановска во 2020 година, според Службениот гласник на општина Битола, била именувана за член на избирачкиот одбор за избирачкото место 0028 на предлог на владејачката партија СДСМ. Една година подоцна, нејзиниот сопруг Менде исто така бил именуван на истото избирачко место за заменик член по предлог на СДСМ.

Фидановски во 2018 година станува првиот човек во борбата за унапредување на првата на работниците во РЕК Битола додека директор е Васко Ковачевски. Оттогаш е најплодна соработката на рударско енергетскиот комбинат со фирмата на неговата сопруга која добила 43 тендери. Нивната вкупна вредност е околу 1 милион и 200.000 евра.

Компас МСФ од формирањето досега добила вкупно 86 тендери, а само еден договор не е поврзан со од РЕК Битола, пишува РСЕ.