Во Македонија се увезува многу повеќе отпад отколку што се создава во земјава, објави денеска Радио Слободна Европа.

Податоците до кои дојде РСЕ покажуваат дека најмногу отпад се увезува од Бугарија. Властите тврдат дека отпадот што се увезува служи само како суровина, како што предвидува и законот. Активистите од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ бараат да се забрани увоз на отпад како извор на енергија, откако темата повторно се актуализираше по аферата во Бугарија во која, наводно, е вмешан и доскорешниот прв човек на Дрисла.

За две години во земјава бил увезен над 10 пати повеќе отпад од вкупната количина која граѓаните ја создаваат во текот на една година и неколкукратно повеќе од она што годишно го создава домашната индустрија во последните години.

Македонија во просек годишно произведува од 700 до 800 илјади тони комунален отпад.

Од вкупно 8.209.733 тони отпад кои во 2014 година влегле во земјава од странство, најмногу е увезено од соседна Бугарија, над седум милиони и 400 илајди тони (7.402.061), а во истиот период биле увезени и повеќе од 490.000 тони отпад од Србија и над 250.000 тони од Обединетите Арапски Емирати, покажуваат документите кои ги доби РСЕ од Државниот завод за статистика.

Останатиот дел од отпадот земјата во тој период го увезла од Турција – над 32 илјади тони, а помали количини се увезени од други земји од Европската унија како Франција, Германија, Грција, Шпанија, Италија, но и од Швајцарија и од други држави.