Македонија останува на 95-то место според последниот светски индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници (РСФ), исто како и минатата година.
Главна забелешка на Репортери без граници оваа година е состојбата во јавниот сервис, МРТВ, каде владата сѐ уште не спровела реформи.
-Иако ситуацијата се стабилизираше во 2018, новата влада сѐ уште не го изменила Законот за јавниот радиодифузер, спротивно на она што го најавуваше во 2017, нагласува организацијата.
Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, Репортери без граници предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата.
Само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.
-Ова не го постигнува потребниот степен за да се обесхрабрат одговорните за нападите, предупредува РСФ.
Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации. РСФ нагласува и дека контроверзен амандман, со кој и се дозволува на Државната изборна комисија да го набљудува известувањето на изборите во електронските медиуми, е усвоено без дебата и без консултации.
Конечно, Репортери без граници бараат да се посвети внимание на фактот што “високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите“.