Рускиот пратеник за Сирија, Александар Лаврентиев денеска ги повика бегалците од оваа земја слободно да се вратат во своите домови и да не се грижат за закани или напади од страна на Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Лаврентиев, кој вчера се сретна со Асад, изјави дека бегалци секојдневно се враќаат во земјата.
– Луѓето знаат дека не им се заканува опасност од страна на Владата и од безбедносниот систем и се враќаат во домовите, изјави Лаврентиев, повикувајќи ги странските држави да и обезбедат финансиска помош на Сирија за побрзо враќање на бегалците.
Се смета дека околу 5,6 милиони Сиријци се во бегалски кампови во соседните земји.
На меѓународната конференција на Обединетите нации и Европската унија за сириските бегалци што се одржа во април беше заклучено дека се уште не се исполнети условите за враќање на бегалците во земјата. Сепак Русија, која покрај Иран е главниот поддржувач на Асад, најави дека ќе отвори бегалски центар во Сирија за да го олесни враќањето на протераните.