Русија го запре протокот на нафта во Полска преку нафтоводот Дружба, изјави денеска Даниел Обајтек, извршен директор на полската рафинерија ПКН Орлен.

Ефикасно ги обезбедуваме резервите. Русија го запре протокот кон Полска, за што сме подготвени. Само 10 отсто од суровата нафта доаѓа од Русија, а ние ќе ја замениме со други извори, напиша Обајтек на Твитер.

ПКН Орлен најави дека може целосно да ги снабдува своите рафинерии преку море и дека прекинот на снабдувањето преку нафтоводот нема да влијае на испораката на бензин и дизел до потрошувачите.

Компанијата од овој месец, по истекот на договорот со руски Роснефт, добива нафта како дел од договорот со руски Татнефт. Гасоводот Дружба е изземен од санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

„Дружба“ испорачува нафта за Полска, Германија, Унгарија, Чешка и Словачка. Беше изоставен од санкциите за да им помогне на земјите со ограничени алтернативи за снабдување со нафта. По почетокот на инвазијата на Украина и пред европското ембарго на руската нафта што пристигнува по море, ПКН Орлен престана да купува руска нафта и гориво.

Во моментов набавува енергија од Западна Африка, Медитеранот, Мексиканскиот Залив и арапските земји. ПКН Орлен има договор со саудискиот АРАМКО од 2022 година.