Русија испратила дома речиси две третини од 30.000 севернокорејски работници кои работат таму, додека Кина вратила половина од вработените Севернокорејци, но не ја прецизира таа бројка, според извештај од ОН.

Извештајот е предаден на Советот за санкции за Северна Кореја во согласност со резолуција од 2017 година, со која се бара враќање на сите севернокорејски работници до крајот на годината за да не заработуваат пари за својот лидер Ким Џонг Ун и негова та влада.

САД нагласуваат дека Пјонгјанг заработува речиси 500 милиони долари годишно од околу 100.000 работници кои работат во странство од кои 50.000 во Кина и 30.000 во Русија.

Советот за безбедност на ОН постепено од 2006 година засилува санкции спрема Северна Кореја за да се запре нивната нуклерна и ракетна програма.

Русија соопшти дека во 2018 година бројот на Севернокорејци со важечки работни дозволи е намален од 30.023 на 11.490 луѓе. Кина тврди дека вратила „половина од вкупниот број Севернокорејци кои биле вработени“. ОАЕ вратиле 823 лица од Северна Кореја, но не открија колку останале во државата. Во Полска од 451 бројката е намалена на 37 до крајот на минатата година.