Русија ги предупреди членките на Г7 дека постои можност да престане да ги снабдува со нафта.
– Русија ќе воведе ембарго на земјите кои го поддржуваат ограничувањето на цената на нафтата предложено од Вашингтон. Според мене, ова е целосен апсурд… На оние компании или земји кои ќе воведат рестрикции, ние нема да им ја испорачаме нашата нафта и нафтени деривати, затоа што нема да работиме под непазарни услови, изјави вицепремиерот на руската влада Александар Новак.
Воспоставувањето на плафон на цената на руската нафта беше замислено како средство за намалување на приходот на Москва од извозот на оваа стока, а во исто време избегнување на исфрлањето на нафтата на земјата од пазарот.
Предлогот треба да биде разгледан на состанокот на министрите за финансии на Г7 во петок. Според Новак, таквиот план ќе ги загрози пазарните механизми на „вака важна индустрија како нафтата и може да доведе само до дестабилизација и на индустријата и на нафтениот пазар.
– И европските и американските потрошувачи ќе бидат првите што ќе платат за тоа, додека тие веќе денес плаќаат високи цени поради дестабилизирачките мерки што ги спроведуваат. Особено, санкциите, рече Новак.
Официјалниот претставник додаде дека Русија во моментов пумпа онолку нафта колку што може да произведе и продаде во моментот, но ако условите на глобалниот пазар се стабилизираат и руските производители се уверени дека ќе најдат купувачи, производството може да се зголеми.
Тој истакна дека руските производители на нафта се подготвуваат за претстојното нафтено ембарго на ЕУ што треба да стапи на сила во декември, но планираат да го задржат сегашното ниво на производство без оглед на тоа.