Русија инсистира на тајно наместо јавно гласање во Генералното собрание на ОН, каде следната недела ќе се разгледува нацрт-резолуцијата против руската анексија на делови од Украина.
Во нацрт-резолуцијата подготвена од западните земји се осудуваат руските незаконски така наречени референдуми и обидот за нелегална анексија на четирите украински региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Во писмото на постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија до земјите-членки на ОН, во кое имале увид западни новински агенции се наведува: „Ова е јасно политизиран и провокативен развој, чија цел е да се продлабочи поделбата во Генералното собрание и дополнително да се отуѓат нејзините членови“.
Според дипломатите најверојатно јавно ќе се гласа дали гласањето за нацрт-резолуцијата треба да биде тајно. Минатата недела Русија стави вето на слична нацрт-резолуција во 15-члениот Совет за безбедност на ОН.
ЕУ спроведува широки консултации со земјите-членки на ОН пред гласањето за нацрт-резолуцијата, што најверојатно ќе се одржи в среда.