Руското Министерство за одбрана ги отфрли тврдењата дека авионот на летот МХ17 над Украина бил соборен со проектил истрелан од руска воена формација и притоа ги повика холандските истражители да се фокусираат на сигурни факти, а не на слики од социјалните медиуми.

„Ниту еден единствен противвоздушен систем од руските воени сили кога било преминале преку руско-укрианската граница“, соопшти руската одбрана.

Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте се враќа од Индија за да разговара со својот кабинет денеска за новите откритија поврзани со соборувањето на малезискиот „боинг“ во 2014 година во кој загинаа 283 патници и 15 членови на екипажот. Вчера тимот истражители соопшти дека проектилот Бук, кој го погодил патничкиот авион, дошол од единица на руската армија стационирана во Курск.

Кабинетот на Руте порано има заземено став случајот да го однесе пред Советот за безбедност на ОН, а тоа може да значи дополнителни санкции за Москва.

Меѓутоа, руското МО по ова соопштение излезе со чудење затоа што, како што наведува, „холандската истрага се решила своите заклучоци да ги заснова врз слики објавени на социјалните мрежи кои биле експертски обработени со графички алатки“.

Министерствотот посочува дека сликите кои ги користел Заедничкиот тим за истрагата се набавени од украинските специјални служби, а претходно тие биле поставени од непопуларната британска група активисти Белингкет. Москва притоа потенцира дека „холандските истражители целосно ги игнорирале или отфрлале сведочењата на очевидците…кои наведуваат дека проектилот бил лансиран од територија контролирана од украинските воени сили“.

Внатрешната истрага спроведена од руските експерти покажала авионот не бил погоден од проектил истрелан од руската територија (од западна страна) и притоа упатува на тоа дека и радарските снимки, кои им биле доставени на Холанѓаните, тоа го потврдуваат.

Холандските новинари сомничави на истрагата

Холандски новинари кои го посетија местото на падот на „боингот“ покренаа прашања за веродостојноста на истрагата. Тие рекоа дека многу остатоци од авионот, како и делови од човечки тела, останале несобрани од истражителите.

Натамошни сомневање беа покренати откако тие сето тоа го снимиле на нивните телефони и лаптоп компјутери, но тие им биле конфискувани од холандската полиција набрзо по враќањето во Холандија.