Српското Министерство за одбрана денеска соопшти дека е почната постапка за формирање претставништво на Министерството за одбрана на Русија во Србија.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека Претставништвото во Србија се формира со цел да се помогне на српската страна во решавањето на прашања од областа на воената и воено-техничката соработка, давање насоки за активности на руски воени специјалци во Србија за пружање помош во изградбата на оружените сили на земјата, обука за употреба и поправка на вооружувањето и воената техника испорачана од Русија.
Српското Министерство за одбрана денеска прецизира дека во претходниот период е поведена законски пропишана постапка, која претходи на склучување на Договорот меѓу двете влади за формирање претставништво на Министерството за одбрана на Русија во Србија.