Американскиот весник Ју Ес Еј Тудеј, по првпат од 1982 година, одлучи да застане директно зад кандидат за претседател на САД и денеска објави дека јавно го поддржуваат демократскиот кандидат Џо Бајден.

Во текстот потпишан од одборот на уредници, читателите на весникот беа повикани да не гласаат за републиканскиот кандидат Доналд Трамп, оценувајќи дека тој не е соодветен за таа позиција бидејќи, како што се наведува, му недостасува темперамент, знаење, упорност и искреност „што им се потребни на САД од нејзините претседатели“.

Како што оценија, за разлика од Трамп, Бајден и нуди на нацијата смиреност и компетентност.

Колегиумот на весникот нагласи дека тоа тело се состои од идеолошки и демографски различни групи новинари, кои ја прекршиле долгата традиција и зазеле страна во трката за претседател, по првпат од основањето на весникот.