Руски авион извршија воздушни напади врз позиции на сириските исламистички бунтовници во градот Кафранбел во северозападната сириска провинцијата Идлиб, како одговор на нападот врз руската воздухопловна база „Хмејмим“ во Сирија.

Руската Армија ги потврди нападите, посочувајќи дека тие биле извршени врз реоните од кои биле лансирани ракетите врз базата „Хмејмим“, каде се сместени припадниците на Вооружените сили на Русија стационирани во Сирија.

Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека „терористи“ од исламистичкиот Фронт ал Нусра се обиделе да ја нападнат „Хмејмим“, истрелувајќи шест ракети кон базата.

– И покрај целосниот прекин на огнот од страна на вооружените сили на Сириската Арапска Република од полноќ на 18 мај, терористите од Фронтот ал Нусра во зоната за деескалација во Идлиб продолжија со провокации и гранатирање. Беше извршен обид за напад врз руската воздухопловна база „Хмејмим“, се наведува во соопштението на Министерството.

Инаку, градот Кафранбел и голем дел од провинцијата Идлиб се под контрола на групата Организација за ослободување на Левант (ХТС), кој е поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија. Групата, исто така, контролира и делови од соседните провинции Алепо, Хама и Латакија. На тие подрачја дејствуваат и припадници на Фронтот ал Нусра.

Во меѓу време, дојде и до судири меѓу сириските владини сили и исламистичките бунтовници и северниот дел на провинцијата Хама.

Русија, која ги поддржува властите во Дамаск, и Турција, која им дава поддршка на дел од сириските бунтовници во северна Сирија, постигнаа договор за прекин на огнот и за создавање на зона на деескалација во Идлиб, што стапи во сила на 18 мај на полноќ. Договорот се однесува за примирје на подрачје на кое живеат околу три милиони лица.

Од почетокот на конфликтот во Сирија во март 2011 година, па досега, загинаа над 370.000 лица, а неколку милиони луѓе ги напуштија своите домови.