Александар РУСЈАКОВ

Кога пред петнаесетина години го прочитав досието на поетот Јован Котески, од тајните служби означено како ИНТИМИСТ, почувствував страшна горчина, оти еден поет и романтичар, само заради искажан став во кафеана, бил подвргнат на триесетгодишно следење и тортура врз него и целото негово семејство. Оваа тортура завршува во 1985 година кога му е спакуван политичко полициски монтиран случај за ТЕРОРИЗАМ. Уапсен е, осуден и одведен на робија каде во затворот продолжува тортурата. Ослободен е откако американскиот поет Ален Гинзберг ја разгласува оваа политичка тортура ширум светот. Мене најмногу ме фасцинира фактот дека за следење на еден поет кој не може да направи никаква штета на една моќна држава како Југославија, биле ангажирани над 2.000 агенти, соработници и кодоши. Тоа се огромни ресурси. И така, една моќна тајна служба насочува огромен дел од своите капацитети за следење на поет, додека однадвор и одвнатре се спрема распад на Југославија. Епилогот на државата што требаше, меѓу другото, да биде заштитена и од нејзината тајна служба, сите добро го знаете.
Еве сега, во 21 век, се гледам себе во извештај на полициски служби аминуван од судот. Јас одамна знам дека ме следат и прислушкуваат. Чувствувам е точниот израз. Можете слободно да ми се смеете или да ме мислите за болен и забеган, ама одвреме навреме ми се јавува внатрешен глас кој ми кажува што треба да правам. Ете тој глас,по неколку состаноци на кои присуствував, ми шепна, батали, терај си ја битката за Македонија сам, преку своите колумни и книжевност. Иако, пред тоа сонував да се обединат сите патриотски здруженија и да станат еден вид политички тинк тенк кој ќе се бори за зачувување на уставното име и унитарноста на Македонија. Гласот ми рече, батали. Сега сфаќам зошто.
Патем, имам проблем со посочениов извештај, оти јас искрено и не се сеќавам на муабетов што е таму опишан. Не велам дека не се случил, ама очигледно умов не го селектирал како битен. Сега кога го прочитав, навистина звучи како бесмислен муабет за некој да потера цела армија агенти, доушници, па уште ПИМ мерки, обвинители, суд. Во време кога политичкиот терор јавно крши устав и закони.
Нејсе, мене никогаш не ми пречело што ме следат и прислушкуваат. Смешно ми е. оти јас, сè што мислам кажувам јавно во своите колумни и ТВ настапи, а сè што чувствувам го исфрлам во своите стихови и реченици. Таков сум. Јавно ги кажувам своите мисли и чувства. Па така, постојано верглам дека Северна Македонија е името на окупацијата (имам сериозни интервјуа на оваа тема во Словенија и Хрватска), дека власта е марионетска диктатура, а ова што и се случи на Македонија последниве неколку години е злосторничко здружување на странски и домашни ликови, со цел политичко терористичко дејствување против државата за спроведување иднетитетски геноцид. Тоа што јавно го пишувам десет години, се случи во реалноста до последната запирка и не, јас не сум пророк, туку внатрешниот глас тоа ми го шепоти.
И како сега вие ќе го уапсите и изведете пред суд внатрешниот глас?
Со телово ако се занимавате, бесмислено е, јас веќе го кажав в лице тоа што го мислам за вас. Патем, да се пострада за Македонија е чест, а мачеништво за вистината е привилегија, подарок од Бога. Но, ова не можат да го разберат „луѓе“ изопачени од моќ и неконтролирана потреба за богатење.
Она што ми е трагикомично е фактот дека историјата се повторува како фарса. Еве ги пак тие „силни“ тајни служби како следат, обработуваат и монтираат процес против безопасни идеалисти кои немаат никаква конкретна политичка моќ. Еве ги тие „блескави“ тајни служби како следат и класифицираат, со дозвола на корумпиран суд,, туѓи интими и воздишки, не затоа што се некаква реална опасност, туку затоа што се неистомисленици со една инсталирана диктатура. Ги насочиле своите финансиски ресурси, полтрони и кодоши да следат фантазери, во време кога се спремаат нови прекројувања на граници на Балканот среде кои и Македонија е ставена на маса. Веќе утре ќе се дели Косово, можеби и Босна, Македонија сигурно нема истото да ја одмине (читај го британскиот дипломат Тимоти Лес), а нашава УДБ-а, се занимава со мене бе. Е јака тајна служба, ама ептен сериозен суд и крајно блескава држава.
Ви благодарам! Од мене имате АМИН да спакувате и монтирате случај за ТЕРОРИЗАМ против мене. Оти и јас со години, ама јавно во моите текстови, отварам случај за злосторничко здружување, политички тероризам и злосторства против човештвото преку идентитетски геноцид и одземање на основното човеково право за самоидентификување.