Државниот празник на Руската Федерација 12 Јуни – Денот на Русија, Руската амбасада во земјава годинава, поради пандемијата, наместо со традиционалниот прием и други свечености, ќе го одбележи со онлајн програма.

Како што соопштуваат од Руската амбасада, по повод Денот на Русија, во самата земја, но и пошироко, традиционално се одржуваат стотици свечености, како што се многубројни концерти, изложби, приеми, презентации, огномети. Оваа година заради епидемиолошката ситуација манифестации ќе се одржат онлајн, а на 12 јуни претседателот Путин ќе има видео обраќање кое ќе се пренесува и од Амбасадата преку социјалните мрежи.

– Празникот ја симболизира заедничката судбина на народите од различна етничка и верска припадност кои во мир и хармонија со векови живеат во Русија. Русија е свесна за својата особена одговорност за судбината на нашата планета. Ние настојуваме да ја промовираме обединувачката агенда која е насочена кон идинината, да играме активна и конструктивна улога за зацврстување на мирот, на глобалната и регионалната безбедност и стабилност, се наведува во соопштението.

Со оглед на мерките на македонската Влада, наведуваат, одлучивме годинава да не го одржуваме традиционалниот прием, како и други јавни настани. Денот на Русија ќе го прославиме во виртуелниот простор.Меѓу другото, на Фејсбук страницата на Амбасадата е отворена онлајн изложба “Објекти на Светското културно и природни наследство на УНЕСКО во Русија”, а на 12 јуни ќе можете да уживате во онлајн концерт на руските артисти кои претходно настапуваа пред македонската публика со изведба на хорска, естрадна, класична музика. Исто така на Фејсбук страницата објавивме детски награден ликовен конкурс “Русија преку очите на децата”, кој ќе трае до 30 јуни. Во конкурсот можат да земат учество сите заинтересирани не постари од 18 години, соопштуваат од Амбасада на Руската Федерација.

Празникот Денот на Русија, се одбележува секоја година, почнувајќи од 1990 година, кога била усвоена Декларацијата за државниот суверенитет на Русија, документ со кој, според претседателот Владимир Путин, „започнува новата историја на демократска држава втемелена врз граѓанските слободи и владеењето на законот“.