Веб-страниците на руската Влада се соочуваат со невидени кибер напади и се вложуваат технички напори за филтрирање на странскиот интернет сообраќај, објави денеска новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на руското Министерство за дигитален развој.
Руската Влада и државните компании биле мета поради инвазијата врз Украина, а веб-страниците на Кремљ, водечкиот авиопревозник Аерофлот и Сбербанк, се меѓу оние кои имаа прекини или привремени проблеми со пристап во изминатите недели.
Министерството соопшти дека работи на прилагодување на новите услови поради зголемениот број кибер напади.
– Ако претходно нивната моќност достигнуваше 500 гигабајти во моментите на најголемо оптоварување, сега е на еден терабајт. Тоа е два до три пати помоќно од најсериозните инциденти од ваков вид, кои се претходно пријавени, наведува Министерството.
Бидејќи Русија станува се поизолирана од глобалните финансиски системи и синџири на снабдување, владата предложи серија мерки за поддршка на ИТ секторот.
Технолошките компании ќе имаат пристап до повластени услови за оданочување и кредити, а Министерството за дигитален развој веќе предложи руските ИТ компании да разговараат за постепен трансфер на компонентите за техничка поддршка со странски компании.