Гардијан – Лондон

По повеќегодишна кариера во регионалната руска политика, Денис Шаронов сега работи како возач на камион во САД.

„Овде во Мичиген е рајот. Во Тексас беше премногу жешко“, изјави Шаронов, поранешен министер за земјоделство на Република Коми во северна Русија, во интервју за „Гардијан“.

Се верува дека стотици илјади Руси ја напуштиле земјата од почетокот на инвазијата на Украина, поради противењето на војната и стравот дека ќе бидат испратени на бојното поле. Многумина се обидоа да најдат работа во егзил и да создадат нови животи. Сепак, малкумина направија толку невообичаена промена во кариерата како Шаронов, кој побегна од Русија во септември 2022 година откако беше регрутиран во војска.

„Многу луѓе не го разбираат мојот избор. Ме исмејуваат. Велат сум уназадил, од регионален министер до камионџија. Но, јас воопшто не го гледам тоа така. Горд сум на тоа што го работам“, изјави Шаронов за британскиот весник.

Во 2020 година стана министер за земјоделство на Република Коми. Тој немал претходно владино искуство, но работата му била понудена откако поминал повеќе од една деценија во земјоделската индустрија.

Тој рече дека сакал да види како функционира владата, но брзо се разочарал од она што тој го опиша како „широка распространета корупција и бирократија“ во неговото министерство.

„Во Русија, главната причина поради која луѓето влегуваат во политиката е да крадат пари. Корупцијата ја распадна мојата земја. Или учествуваш или ќе те избркаат“, рече Шаронов.

Тој изјави за Гардијан дека на крајот паднал во немилост на регионалниот лидер Владимир Ујба, откако Шаронов одбил да влезе во коруптивни шеми за земјиште и бил отпуштен во јануари 2022 година. Еден месец откако бил отпуштен, руските трупи ја нападнале Украина, што „длабоко го вознемирило“.

„Сфатив дека ако останам во земјата, на некој начин ќе учествувам во оваа нелегална војна“, рече тој.

Капка што ја прелила чашата бил повикот за воена мобилизација минатата есен.

„Кога воените регрути дојдоа да го достават повикот за мобилизација на адресата каде што бев регистриран, немав друг избор освен да ја напуштам земјата“, рече тој.

Шаронов, кој на 48 години бил премногу стар за да биде мобилизиран според руските закони, верува дека бил повикан поради конфликтот со Ујба и дека овој се обидел да се ослободи од него испраќајќи го во Украина.

Шаронов студирал во Вермонт за време на размена во 1995 година и решил да си ја проба среќата во САД. По долго патување со застанувања во Киргистан и Дубаи, тој на крајот слетал во Мексико, каде пеш ја минал американската граница и побарал азил.

САД забележаа огромен пораст на руските емигранти од почетокот на војната, со повеќе од 8.600 Руси кои побараа азил на границата меѓу САД и Мексико во изминатите шест месеци. Тоа, пишува „Гардијан“, е 35 пати повеќе отколку во истиот период пред војната, кога имало 249 барања.

Додека чекал одговор на барањето за азил, Шаронов почнал да бара работа. „Ми се чинеше дека да се биде возач на камион ќе биде најлесниот начин да се живее“, вели тој.

Чувство на слобода

Укажувајќи на падот на вредноста на рубљата, кој достигна најниско ниво во последните 16 месеци оваа недела, тој рече дека платата што ја заработува како возач на камион не е далеку од онаа на регионалниот министер во Русија, иако додаде дека повеќето официјални лица наоѓаат други начини да заработат пари.

„Но, всушност не се работи за платата. Се работи за чувството на слобода. Тоа е чесна работа“, рече Шаронов.

За шест месеци работа како возач на камион, тој посети 45 американски држави, опишувајќи ја детално убавината на западниот брег на Калифорнија. „Понекогаш ова ми изгледа како една голема авантура.

Тој се надева дека ќе го искористи искуството што го има за да најде работа во земјоделскиот сектор.

Шаронов е еден од ретките поранешни руски функционери кои јавно се спротивставија на војната. Набргу по почетокот на инвазијата, Анатолиј Чубаис, ветеран реформатор и поранешен пратеник на Кремљ за климата, поднесе оставка. Чубаис останува највисокиот функционер кој го напуштил Кремљ од почетокот на војната.

„Многу функционери се против војната, но ги фаќа страв“, истакна Шаронов. „Секое утро кога ќе се разбудат се убедуваат себеси дека немаат друг избор.