Руските власти денеска соопштија дека војската во текот на ноќта успеала да одбие напади со дронови во неколку региони, но некои поминале, предизвикувајќи штета на воен аеродром, јави ДПА.
Неколку тешки армиски транспортни авиони се оштетени во напад со дрон на аеродромот во северозападниот рускиот град Псков, соопштија локалните власти.
Армијата одби напад со дронови, соопшти утрово гувернерот на Псков Михаил Ведерников на Телеграм. Тој објави кратко видео на кое се слуша експлозија и се гледа оган над аеродромот.
Според првичните информации нема повредени, напиша Ведерников.
– Како резултат на нападот со дрон, четири авиони Ил-76 се оштетени. Се запали пожар кој зафати два авиони, соопшти руската државна новинска агенција ТАСС, цитирајќи претставник на службата за вонредни состојби. Информацијата не може да се потврди независно.
Аеродромот во близина на Псков е седиште и на падобранска дивизија која учествуваше во првиот бран напади врз Украина во февруари 2022 година.
Во меѓувреме, според руските власти, во текот на ноќта биле одбиени неколку други напади со украински дронови, вклучително и во московскиот регион, Брјанск и Ориол, како и во Севастополскиот залив на Крим.
Во текот на ноќта, противвоздушната одбрана успешно одбика напад со украински дронови во заливот на Црното Море, соопшти утрово на Телеграм Михаил Развозаев, гувернер на Севастопол назначен од Москва, без да даде детали за бројот и видот на уништените цели.
Информацијата не може да се потврди независно, подвлекува ДПА.
Русија, исто така, одбила четири украински беспилотни летала во текот на ноќта над југозападниот пограничен регион Брјанск, соопшти Министерството за одбрана во Москва рано утрово.
Министерството соопшти дека противвоздушната одбрана соборила три дронови, а уште еден дрон бил соборен над соседниот регион Ориол. Информацијата не може да се потврди независно.
Украина 18 месеци се брани од руската инвазија со помош на Западот. Москва со месеци користи дронови Шахед од иранско производство за да ја бомбардира соседната земја.