Рускиот авиопревозник „Нордвинд“ денеска во Скопје потпиша договор за соработка со ТА „Атлас плус“ членка на Македонско-руска стопанска комора, со што таа станува генерален агент за продажба на авиобилетите на руската авиокомпанија за македонскиот пазар.

По потпишувањето на договорот, авиокомпанијата „Нордвинд“ ги презентираше своите можности и понудата на услуги. Од авиокомпанијата „Нордвинд“ истакнаа дека се задоволни што доаѓаат во уште една балканска земја и се надеваат на нови патници. За време на презентацијата тие ги најавија и своите летови за период ноември 2021 ‒ март 2022, како доказ, според нив, за посветеноста и инвестицијата во овој пазар.

„Нордвинд“ на 4 јуни годинава ја воспостави директната линија Скопје-Москва со по два лета неделно – во понеделник и петок, со што по 20-годишна пауза, повторо се воспостави воздушната врска помеѓу Република Македонија и Руската Федерација.