Американскиот претседател Доналд Трамп се однесува многу нетипично кон неговиот руски колега Владимир Путин, оставајќи впечаток како да е под негово влијание, изјави поранешниот светски шаховски првак и актуелен руски опозициски лидер Гари Каспаров при гостување во емисијата „Терзаке“ на белгиската државна телевизија ВРТ.
– Тој (Трамп) вообичаено не штеди никого, дури ни други светски лидери, но не слушате ниту еден лош збор за Путин. Тој дури оди и против американските интереси и јавното мислење, што вообичаено не го прави. Се чини дека Путин има некаков вид влијание врз Трамп и го покорува на својата волја, смета Каспаров, кој неделава престојува во Белгија за учество на демонстративен турнир во симултан шах во Антверпен.
Каспаров изрази и сомнеж дека Трамп ќе успее да стави крај на војната во Украина.
– Јасно ми е дека тој не е заинтересиран за завршување на војните, туку само за склучување договори, заради политички профит. Со истата тактика како на Блискиот Исток, колку и да е кревок делумниот успех, нема да се стигне никаде во Украина. Проблемот е Путин. Се додека тој верува дека може да продолжи, ќе продолжи, истакна Каспаров.
Според него, Путин е поборник на старата царистичка идеја за неопходно проширување на сферата на влијание на Русија.
– Тоа не го велам само јас. Го гледате секојдневно во самата Русија. Во политичките изјави, на пропагандните канали, во Црквата… Дури и на децата од градинка им се перат мозоци со негативни идеи за Западот и Украина и за спас на Мајка Русија, изјави шаховската легенда.
Каспаров вели дека се наоѓа на руската „листата на терористи“ кои се предмет на следење од страна на службите, па затоа и нема намера во скоро време да се врати во Русија.
– Не сум единствениот. Ако го критикувате режимот и ако против вас во тек не ниту една правна постапка , тогаш правите нешто погрешно, изјави Каспаров.
Тој вели дека иако сега е хрватски државјанин, сепак не се чувствува безбедно во повеќето европски земји.
– Ќе бидам искрен. Има места како Унгарија и Словачка каде што во моментов не одам. Не затоа што мислам дека едноставно ќе ме предадат на Путин, туку може свесно да ја свртат главата на другата страна и да не ги попречат мрежите на Путин, изјави Каспаров, додавајќи дека ако навистина сакаат да ве застрелаат, многу малку можете да сторите за да го спречите тоа.