Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од четири денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.

Како што соопшти Министерството, на овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од три денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно седум денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада.

Ваквата одлука ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.

Според МЗШВ, оваа интервентна субвенција од четири денари за килограм домат предаден во регистрирани преработувачки капацитети ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати во овој период до 15.07.2018 година.

Тимови од МЗШВ, се додава, изминатиов период беа секојдневно на терен и во комуникација со земјоделците, откупувачите и преработувачите со цел да се најде соодветно решение, а за таа цел Министерството стапило во контакт со преработувачите кои покажале интерес за откуп на вишокот домати.

Проблемот со доматите настана откако Русија го затвори тамошниот пазар за машите домати откако тие не ја поминале фитисанитарната инспекцја, односно регистрирани се многу повисоки нивоа на пестициди од пропишаните. Но, јасно е дека рускиот пазар македонските земјоделци го губат заради политичките игри, особено по протерувањет на рускиот дипломат од Скопје. Иако е ваква ситуацијата, сепак, во меѓувреме не се најде замена на рускиот пазар.