Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека новата руска подморница на нуклеарен погон Цар Александар Трети успешно тестираше лансирање на балистичка ракета Булава.

Интерконтиненталната балистичка ракета беше лансирана од подводна позиција во Бело Море во близина на северниот брег на Русија и погоди цел оддалечена илјадници километри на полуостровот Камчатка на рускиот Далечен исток, се наведува во соопштението на руското МО, без да се прецизира кога било извршено тестирањето.

Ракетата Булава е долга 12 метри, може да носи шест нуклеарни боеви глави и има дострел од 8.000 километри.

Рускиот претседател Владимир Путин во декември присуствуваше на свеченото спуштање на подморницата Цар Александар Трети во морето.

фото: ЕПА