По синоќешното признавање на независноста на Доњецк и Луганск од страна на Русија, прослава од нивните жители, додека САД, ЕУ и нивните сојузници тргнаа во „контраофанзива“ против Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин. Кризата меѓу Русија и Украина денеска се чувствува и на берзите. Поскапе нафтата, а за 10 отсто поскапе и гасот во Европа.

Во продолжение хронолпшки настаните од синоќа и денеска:

Доњецк и Луганск го прославија признавањето на независноста

Жителите на Доњецк и Луганск на улиците го слават потпишувањето на документот за признавање на независноста од страна на Русија на Народните републики Доњецк и Луганск.

Веднаш по признавањето, рускиот претседател Владимир Путин им нареди на вооружените сили на Руската Федерација да обезбедат мир во тие два региона во источна Украина.

Откако рускиот претседател изјави дека неговата земја ја признава независноста на ДНР и ЛНР, жителите на Доњецк излегоа на улиците да ја прослават оваа одлука.

На централниот плоштад во Доњецк беше организиран огномет, а се слушаше и химната на Русија.

Група луѓе со руски знамиња го следеа обраќањето на претседателот на Русија, Владимир Путин.

Снимките од прославата се објавени на социјалните мрежи.

Во Луганск славењето на републиката беше прославено со колона возила.

Рускиот претседател вечерва го потпиша Указот за признавање на самопрогласените Луганска и Доњецка народна република и им нареди на извршните власти да го ратификуваат документот што е можно поскоро. Во исто време, Путин потпиша договори за соработка со лидерите на ЛНР и ДНР.

Зеленски: Границите на Украина остануваат исти

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека меѓународните граници на неговата земја ќе останат такви какви што биле, посочувајќи дека потегот на Русија претставува повреда на интегритетот и суверенитетот на Украина.

Тој говореше откако рускиот претседател Владимир Путин му нареди на Министерството за одбрана да испрати војници во регионите под контрола на сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина. Путин го издаде декретот рано изутринава, по московско време. – Не се плашиме, истакна Зеленски.

– Никому ништо не должиме и никому ништо нема да дадеме, изјави украинскиот претседател по одлуката на Путин, нагласувајќи дека Украина се уште е „заговорник за политички и дипломатски договор“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговата земја сака мир и порача: Чекаме јасни и ефекасни чекори за поддршка од нашите партнери.

Кина во ОН бара воздржаност од сите страни во Украина

Кина повика на воздржаност од „сите страни“ за да се избегне понатамошна ескалација во украинската криза, повикувајќи на дипломатско решение за време на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН.

„Сите засегнати страни мора да покажат воздржаност и да избегнуваат каква било акција што може да поттикне тензии. Го поздравуваме и охрабруваме секој напор за дипломатско решение“, рече Џанг Џун, кинески амбасадор во ОН.

САД денеска објавуваат нови санкции против Русија

САД денеска ќе објават нови санкции против Русија како одговор на одлуката на Москва да ги признае самопрогласените републики во источна Украина и таму да испрати „мировници“, соопшти Белата куќа.

„Планираме да објавиме нови санкции против Русија во вторник како одговор на одлуките и активностите на Москва“, изјави портпарол на Белата куќа. Тој додаде дека САД се координираат со сојузниците и партнерите во врска со тој чекор.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, вчера потпиша указ за признавање на самопрогласените Луганска Народна Република и Доњецка Народна Република.

Лондон денеска ќе објави санкции за Русија

Велика Британија денескаќе објави нови санкции против Русија, најави синоќа британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, откако рускиот претседател Владимир Путин призна два проруски сепаратистички региони во Украина како независни држави.

„Утре ќе објавиме нови санкции против Русија како одговор на нејзиното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, објави Трас на Твитер.

Белата куќа објави дека американскиот претседател Џофез Бајден планира да издаде наредба за забрана на какви било нови американски инвестиции, размена или финансирање во Доњецк и Луганск, проруски области во источна Украина.

ЕУ со најава за санкции против Русија

Државите од Европската унија се согласија да воведат ограничен пакет санкции кон Русија откако Москва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

„Се договоривме да воведеме ограничен пакет санкции, што ќе бидат насочени кон одговорните за таа одлука“, изјави Руте во интервју за холандската телевизија.

Тој додаде дека денеска се очекуваат детали за таа одлука.

САД и сојузниците ја осудија Русија поради Украина во Советот за безбедност на ОН

САД и нивните сојузници за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, го осудија признавањето на областите под контрола на бунтовниците во Украина од страна на Владимир Путин и распоредувањето војници, оценувајќи како грубо кршење на меѓународното право и „изговор за војна“.

Во своето обраќање на седницата, американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд го одби тврдењето на Путин дека руските трупи ќе преземат мировна улога во областите Доњецк и Луганск.

– Тој ги нарекува мировници. Ова нема никаква смисла. Знаеме што се тие навистина, истакна Томас-Гринфилд.

Амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја инсистираше на тоа дека границите на неговата земја остануваат „непроменливи“ и покрај дејствијата на Русија.

– Москва се уште е „отворена за дипломатско решение“, изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.

– Сепак, да дозволиме ново крвопролевање во Донбас е нешто што немаме намера да го направиме, додаде тој, мислејќи на регионот што ги опфаќа Доњецк и Луганск.

Реакции на меѓународната заедница на одлуката на Русија

Меѓународната заедница ја осуди одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на проруските региони во источна Украина.

Ова се дел од реакциите:

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутерешсмета дека Русија го нарушила територијалниот интегритет и суверенитет на Украина со признавањето на двата отцепени региони на источна Украина како независни држави, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дјужарик. И заменик-генералниот секретар на ОН за надворешни работи, Розмари Ди Карло, изрази силно жалење за одлуката на Русија, велејќи дека следните часови и денови ќе бидат критични и дека ризикот од голем конфликт е реален и треба да се избегнува по секоја цена.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го осуди признавањето на независноста на отцепените региони во источна Украина од страна на Москва и ја повика Русија да го избере патот на дипломатијата. „Ја осудувам одлуката на Русија. Сојузниците ја повикуваат Русија да го избере патот на дипломатијата, веднаш да се откаже од големото засилување на своите воени единици во и околу Украина и да ги повлече своите трупи во согласност со нејзините меѓународни обврски и обврски.“ Столтенберг се вели во соопштението објавено синоќа.

Европската унија го нарече признавањето на двата источни украински региони како независни од Русија како флагрантно кршење на меѓународното право и рече дека ќе ги санкционира луѓето вклучени во незаконскиот чин.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа остро го осуди руското признавање на независноста на двата отцепени региони во источна Украина и го опиша како кршење и на меѓународното право и на основните принципи на ОБСЕ. Организацијата верува дека тоа исто така е во спротивност со договорите од Минск, се вели во заедничката изјава на генералниот секретар на Хелга Марија Шмит и полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, чија земја претседава со ОБСЕ.

САД – Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди одлуката на неговиот руски колега Владимир Путин да ја признае независноста на двата отцепени региони во источна Украина во разговорите со светските лидери по неодамнешните случувања во кризата. Бајден остро ја осуди одлуката на рускиот претседател Путин да ја признае „независноста“ на таканаречените Народни републики Доњецк и Луганск во Украина. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одлуката на Путин е спротивна на посветеноста на Русија на дипломатијата и дека заслужува цврст и брз одговор, со нови санкции против Русија денеска како одговор на одлуката на Москва да ги признае двата отцепени региони во источна Украина, за независните и да испрати таму „мировници“, соопшти Белата куќа.

Канада, исто така, ја осуди одлуката на Русија, велејќи дека цврсто ќе работи со своите партнери и сојузници против ова   непочитување на меѓународното право.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја осуди одлуката на Путин и повика на насочени европски санкции против Москва.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека одлуката на Путин ги негира сите обврски кон меѓународната заедница и предупреди на нова воена ескалација од страна на Русија.

Британскиот премиер Борис Џонсон го критикуваше грубото кршење на суверенитетот од страна на Украина и соборувањето на мировните договори од Минск на исток, а министерката за надворешни работи Лиз Трас предупреди дека секое прекршување на меѓународните обврски на Русија нема да остане неказнето. Џонсон ќе договори пакет итни санкции против Русија на состанокот на владиниот Комитет за одговор на кризи, изјави портпаролот на неговиот Кабинет.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека одлуката на Путин е еднаква на отфрлање на дијалогот и флагрантно кршење на меѓународното право.

Чешкиот премиер Петер Фиала ја опиша одлуката на Русија како акт на агресија.

Литванскиот министер за надворешни работи Габрелиус Ландсбергис рече дека одлуката на Москва е доказ за целосно непочитување на меѓународното право и повелбите на ОН и изрази уверување дека таквата ескалација треба да биде санкционирана.

Австрискиот канцелар Карл Нечамер ја оквалификува одлуката на Русија како кршење на договорите од Минск и дипломатските напори за изнаоѓање мир.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида остро ја осуди серијата руски акции против Украина и рече дека го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Тој предупреди дека ако има руска инвазија, Јапонија ќе учествува во координацијата во Г-7 и во меѓународната заедница на силен одговор, вклучително и воведување санкции.

Амбасадорот на Индија во ОН, Т. С. Тирумурти, ги повика сите страни во конфликтот да покажат воздржаност и рече дека деескалацијата на тензиите е непосреден приоритет.

Кина не ја осуди експлицитно Русија и ги повика инволвираните во украинската криза да покажат воздржаност и да избегнат какви било дејствија што би можеле да поттикнат тензии.

Австралискиот премиер Скот Морисон повика на силни и остри санкции против Русија.

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега ја бранеше позицијата на Русија за Украина и стана еден од првите лидери во светот што ја поддржа Москва. Тој изрази уверување дека доколку во Доњецк и Луганск се одржи референдум како оној на Крим, луѓето ќе гласаат за припојување на овие територии кон Русија. Ортега, исто така, ги опиша обидите на Украина да се приклучи на НАТО како закана за Русија.

Захарова: Русија секогаш е подготвена за разговори со Блинкен

Русија денеска увери дека е секогаш подготвена за разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој в четврток треба да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева, откако Москва прогласи независност на двата сепаратистички региони во источна Украина.

– Дури и во најтешките моменти велиме: Подготвени сме за преговарачки процес, така што нашата позиција останува иста. Ние секогаш сме за дипломатски пат, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во објава на ЈуТјуб каналот „Соловьев Live“.

ЕУ најави санкции „против оние кои се вклучени“ во признавањето на Доњецк и Луганск

Во заедничка писмена изјава, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел остро ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин „да продолжи да ги признава“ регионите Доњецк и Луганск во Украина како „независни ентитети“.

– Таквиот потег е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорот од Минск. Унијата ќе реагира со санкции против оние кои се вклучени во овој незаконски чин, најавија Фон дер Лајен и Мишел.

Тие ја повторија непоколебливата поддршка на ЕУ за независност, суверен итет и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, се додава во заедничката изјава.

Украина: Двајца војници загинаа, а 12 се повредени при гранатирање од страна на сепаратистите

Украинската војска денеска соопшти дека двајца украински војници се убиени, а 12 се повредени при гранатирање од страна на проруските сепаратисти во источна Украина во изминатите 24 часа, што е најмногу жртви оваа година.

Украинските сили на својата Фејсбук страница објавија дека пријавиле 84 случаи на гранатирање од непријателски камп.

Според украинската војска, со употреба на тешка артилерија биле гранатирани околу 40 населени места и позиции долж линијата на контакт.

Украина ја обвинува Русија за предизвикување насилство и смета дека Москва тоа го искористи како изговор за официјално признавање на двата источни украински региони Доњецк и Луганск како независни и за движење на војниците во регионот, со што ја забрза кризата.

Во 64 од пријавените случаи на гранатирање, противниците на украинските сили користеле оружје што е забрането според договорите од Минск за источна Украина.

Украинскиот министер за одбрана: „Остануваме сигурни и смирени“

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников денеска изјави дека „остануваме самоуверени и смирени“, по потегот на Русија да нареди војници во два сепаратистички промосковски региони во источна Украина.

Во твит Резников додаде дека со признавањето на двата региони како независни, „Кремљ ја призна сопствената агресија врз Украина“.

„Ние сме подготвени и способни да се браниме себеси и нашиот суверенитет“, додаде тој.

Борел: ЕУ ќе ги усвои санкциите за Русија „попладнево“

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе усвојат санкции против Русија поради нејзиното признавање на украинските сепаратистички региони и натамошното распоредување на војници на територијата на Украина, изјави шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел.

„Сигурен сум дека ќе има едногласна одлука“. Според него, попладнево се очекува одлука за санкции.

Цената на гасот во Европа се зголеми за повеќе од 10 отсто

Цените на берзата на гасот во Европа утринава се зголемија за повеќе од 10 отсто поради признавањето на независноста на самопрогласените „Доњецка Народна Република“ и „Луганска народна република“ од страна на Русија, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.

Фјучерсите за март во центарот TTF во Холандија се зголемија на речиси 935 долари за 1.000 кубни метри или 80 евра за мегават-час.