Најмалку 11 лица загинаа во вчерашната серија руски напади врз Украина, а Киев повика на дополнителна помош откако обезбеди ветувања од САД и Германија за испорака на модерни борбени тенкови.
Државната служба за вонредни состојби, исто така, соопшти дека 11 лица биле повредени во бомбардирањата за кои украинската војска соопшти дека вклучувале повеќе од 50 проектили и речиси дваесетина дронови камикази, пренесе ДПА.
Од нив, 85 отсто биле пресретнати, соопшти украинскиот врховен командант Валериј Залужњи на Телеграм.
Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко рече дека се погодени неколку инфраструктурни локации, што доведе до прекин на електричната енергија во регионите Одеса, Киев и Виница.
Меѓу жртвите е и 55-годишен маж убиен во Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Уште двајца се повредени во главниот град.
Се наведува дека повеќе од 15 руски ракети биле пресретнати само во регионот на Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потоа го повтори повикот за дополнително оружје, вон борбените тенкови што треба да ги обезбедат неговите сојузници.
– Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје. Терористичката држава нема да сфати ништо друго, рече тој во синоќешното видео-обраќање, укажувајќи на нападите кои се случија само неколку часа претходно.
– Секоја руска ракета против нашите градови, секој ирански дрон што го користат терористите е аргумент зошто ни треба повеќе оружје, рече тој.
Последниот бран напади беа извршени еден ден откако двајца од најважните добавувачи на оружје за Киев – САД и Германија – соопштија дека ќе испратат тешки тенкови за да им помогнат на украинските сили да ги вратат областите освоени од Русија на почетокот на 11-месечната инвазија.
Други земји, исто така, ветија тенкови, од Канада до Шпанија. Канада вчера соопшти дека ќе извезе четири тенкови Леопард од германско производство во земјата разурната од војна.
Според Кремљ, Западот се повеќе се претвора во страна во војната.
– Сè што прават Алијансата и главните градови на Европа и САД во Москва се доживува како директно учество во конфликтот, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Москва постојано ги обвини САД и Европската унија дека водат прокси војна против Русија во Украина. Сепак, Русија нема да им објави војна, рече Песков.
Русија продолжува да ја нарекува инвазијата на Украина „специјална воена операција“ и нејзиниот статус нема да се промени, рече тој.
Подоцна, Варшава рече дека НАТО треба да биде похрабра и ако западната одбранбена алијанса одлучи да испрати борбени авиони во Украина, Полска ќе го поддржи тоа.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки за француската телевизија LCI изјави дека поддржувачите на Украина не треба да се плашат од испраќање на ракетни и батерии за противвоздушна одбрана кои ќе се распоредат на целата нејзина територија, а не само на запад, во Киев и на фронтот.
Моравјецки не предложи испраќање на авиони, велејќи дека тоа треба да биде одлука на НАТО, но неговата земја ќе го поддржи таквиот потег.