Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Рускоска во изјава за телевизија „Сител“ вечерва негираше дека информацијата за притворот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков протекла од кај нив.
– Не постои таква можност, затоа што првата информација која јас ја испратив до МВР ја пишував сама во кабинет во попладневните часови во сабота и немаше никој на работа освен мене. Вчера, во неделата, дојдоа само колегите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов веќе со изготвен предлог до судот за определување на мерка притвор така што освен нас тројца во неделата не знаеше никој. Апсолутно ја исклучувам можноста дека информацијата протекла од Обвинителството, изјави Рускоска.
Од вчера попладне, Мијалков е недостапен и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд. Министерството за внатрешни работи првично објави национална, а попладнево и меѓународна потерница за Мијалков. Во меѓувреме, во полициска станица на инфромативен разговор се повикуваат членови на семејството на Мијалков и неговото обезбедување.