Првата дестинација што ќе ја посети министерот за надворешни работи Бујар Османи, како претседавач со ОБСЕ, ќе биде Киев, откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентира приоритетите на македонското претседавање со ОБСЕ, рече тој одговарајќи на прашања на денешниот брифинг со новинарите.
Претходно, на брифингот Османи истакна дека Украина ќе доминира со претседавањето на Македонија со ОБСЕ, потсетувајќи дека во моментов во Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето.
Македонија како претседавач, посочи Османи, ќе треба да најде начин повторно да ја врати ОБСЕ во Украина.
– Да, планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина затоа што верувам дека Украина веројатно ќе го доминира претседавањето иако се надевам ќе се сменат околностите во текот на годината, па ОБСЕ ќе има една поинаква улога во воспоставување на мирот и прекинување на агресијата. Планирам, кон средината на јануари првата посета да ми биде на Киев, откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентирам приоритетите на нашето претседавање, рече Османи.
Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање. во кое, меѓудругото, беше забележано дека руското МНР на 18 декември испрати директна порака до Скопје да не се движи по патот на Полска (која претходно претседаваше со ОБСЕ), на која не и успеа да постигне консензус околу овие прашања. Османи, одговарајќи, откри дека пред неколку недели добил писмо од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров со овие пораки, но дека неговиот одговор и до шефот на руската дипломатија и до сите други е еден и константен.
– Прво малку знаат дека ОБСЕ кога е формирано било иницирано, идеја на руската дипломатија. Руската дипломатија ја има иницирано потребата за паневропска конференција која ќе разговара за безбедност. Прво наидувала на отпор, па како се развивале околностите се постигнува договор помеѓу западот и истокот кои велат – да, сега сега е време, се договраме за овие принципи, ги почитуваме и понатаму од конференција прераснува во организација. Прво, интерес да постои ОБСЕ имаме сите, второ ОБСЕ се покажа како ефективна и успешна со својот специфичен инструментариум кој го нема ниту една организација, нема друга организација која има таква експртиза за сите циклуси на конфликти – спречување, постигнување договори, рехабилитација. Од тоа корист имаат видено сите земји учеснички во последните 50 години. Тоа што мене ми беше важно е да потврдиме сите дека ОБСЕ е важна, јас не сум слушнал ниту една земја учесничка која вели дека ОБСЕ не е важна, изјави Османи.
Каква ќе биде комуникацијата со Русија и дали таа ќе се претвори во некаков суштински дијалог ќе зависи од тоа кој ќе биде односот на Москва кон принципите и заложбите на ОБСЕ и тука ние како претседавач нема да дозволиме никакви компромиси, изјави шефот на македонскта дипломатија на брифингот.
– Комуникација со Русија – да, ќе има во Виена, амбасадорите се во постојано комуникација, но им е јасно укажано дека треба да се вратиме кон почитување на заложбите и принципите на ОБСЕ, а потоа да видиме како може да се претвори тоа во еден суштински дијалог на вредности, повтори Османи во одговорот на новинарското прашање.
Тој воедно соопшти дека во нашата мисија во Виена има околу 11 луѓе кои се испратени од Скопје. Меѓутоа, додаде тој, во таа наша мисија и други земји имаат испратено нивни дипломати, експрти кои се дел од нашата екипа.
– Засега има меѓу пет или седум, меѓутоа работиме да обезбедиме уште за различни теми, различни експертизи. Јас имам овде помош од експерти, странски и домашни кои ги покриваат разните меѓународни организации. Нема да оставиме несвртен камен за да постигнеме резултати, но никако газејќи врз принципите и заложбите на ОБСЕ, рече Османи.