Централата на Интерпол одбива да ја објави меѓународната потерница за поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, изјави денеска шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.
Рускоска рече дека за предметот што го води за организаторите на настаните во Собранието на 27 април 2017, побарала преку полицијата да биде распишана домашна и меѓународна потерница.
Последните информации од Интерпол Македонија се дека централата на Интерпол одбива да ја објави потерницата и дека не даваат образложение, рече Рускоска пред Конференција за напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција.
Интерпол не сака да објави меѓународна потерница и за поранешниот началник во УБК Никола Бошкоски кој е избеган во Грција.
– Барањата за пет други лица кои беа недостапни во првиот предмет што ги испративме со наредба за истрага и решение за притвор и докази, Интерпол без проблеми ги прифати и ги објави потерниците. Но, за Груевски и Бошковски воопшто не сакаат да ги објават иако се работи за истото кривично дело, рече Рускоска.
Вели дека не знае зошто Интерпол не ги објавува потерниците иако барањето е доставено пред повеќе од два месеца.
За останатите обвинети за организирање на „27 април“, Рускоска рече дека тие заедно со нивните адвокати деновиве ги разгледуваат доказите, по што има намера да ја приврши истрагата.
Носителите на јавни функции како што се пратеници, судии и обвинители, мора секогаш построго да бидат казнувани, затоа што тие се оние кои треба да го спроведуваат законот, изјави шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Рускоска, одговарајќи на новинарско прашање пред Конференцијата за напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција.
Таа посочи дека уште стои на кажаното дека правото важи само за обичниот народ, не за судии и пратеници и дека во таа насока мисли токму за одредување на мерка притвор, односно за симнување на имунитет.
На прашање дали водат предистраги за функционери од актуелната власт, Рускоска одговори потврдно не сакајќи да открие повеќе детали.
– Водиме предистраги. Се работи за предистражни предмети и во овој момент не би можела да кажам повеќе, рече Рускоска.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција не сакаше да го коментира законот з јавно обвинителство бидејќи преговорите сé уште траат.
-Закон додека не се донесе во Собрание немам намера да коментирам, особено што преговорите што сé уште траат и не знаеме какво ќе биде конечното решение, односно каков законски текст ќе биде испратен во Собранието на гласање, истакна Рускоска.