Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по Самитот во Лондон изјави дека голем број земји најавиле зголемување на расходите за одбраната. Тој истакна дека е „многу добра вест“ што повеќе европски земји ќе го зголемат вложувањето во одбраната, но не откри кои се тие држави.
Руте истакна дека се уште нема мировен договор за Украина, „но, ние мора да се подготвиме за тој момент и да се осигуриме дека европските земји се подготвени да помогнат со безбедносни гаранции“.
– Сојузниците сакаат да осигураат дека Путин никогаш, никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне Украина. Тоа значи дека европски војници ќе бидат присутни во Украина, за да бидеме сигурни мирот ќе се одржува и оти е одржлив, дека е стабилен, траен, посочи Руте.
Тој додаде дека, и покрај коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, САД се посветени на Алијансата, посветени на член 5.
По Самитот се обрати и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, најавувајќи оти следната недела ќе претстави план за „повторно вооружување на Европа“ со цел да се зајакна безбедноста.
– Сите сфативме, дека по долг период на недоволно инвестирање, сега од најголема важност е да се зголемат инвестициите во одбраната на подолг временски период. За безбедноста на Европска Унија, посочи Лајен.
Таа додаде дека за иднината на Украина од најголема важност се безбедносните гаранции.
– Треба да ја ставиме Украина во позиција на сила, за да има средства да зајакне и да се заштити себеси, истакна Лајен.
По завршувањето на Самитот во Лондон, инициран од британскиот премиер Кир Стармер по вербалниот судир во Белата куќа, се огласи и премиерот на Полска, Доналд Туск.
– Европа конечно се разбуди и сега зборува во еден глас кога е во прашање поддршката за Украина, наведе Туск.
Тој на социјалните мрежи објави дека европските лидери се согласни за три клучни прашања: поддршка на Украина; потребата за блиска трансатлантска соработка и зајакнување на источната граница на ЕУ.
Додека германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека една од клучните цели на сојузниците ќе биде да се погрижат Украина да има силна армија по војната, за да може да се брани од идна агресија.
– Основата на се ќе биде силна армија, изјави Шолц по завршувањето на Самитот во Лондон.
фото: ЕПА