Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја повика Кина да ја осуди руската инвазија врз Украина.
– Ова е навистина време кога сите треба да застанеме, како што тоа го направија земјите од Г-20 една до друга, да ја осудиме агресијата и да бараме, помеѓу другото, Русија да дозволи пристап до храната што е блокирана во Украина, истакна Блинкен.
Тој додаде дека не гледа „никаков знак“ на соработка од страна на Русија.
Блинкен и шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји се сретнаа на маргините на Г-20, што се одржува на Бали.
Американскиот државен секретар изјави дека имал „корисен, искрен и конструктивен разговор“ со Ванг.
И покрај сложеноста на односите меѓу САД и Кина, со извесно уверување можам да кажам дека „за нашите делегации денешните дискусии се корисни, искрени и конструктивни, посочи Блинкен по петчасовни разговори.
Тој исто така ја потенцира загриженост на САД за сè попровокативната реторика и активности на Пекинг кон Тајван, истакнувајќи ја важноста од одржување на мирот и стабилноста во Тајвански Теснец.