САД ги повикаа семејствата на своите државни службеници во Белорусија да ја напуштат земјата, соопшти вчера Стејт департментот, откако се зголемија стравувањата од руска инвазија на соседна Украина.
Наредбата дојде неколку часа откако Вашингтон и Москва ги судрија ставовите околу Украина во Советот за безбедност на ОН и откако Вашингтон се закани дека ќе воведе санкции за богатите руски олигарси доколку поранешната советска држава биде нападната.
САД, исто така, ја обвинија Русија дека планира во следните неколку недели да го зголеми своето воено присуство на територијата на сојузникот Белорусија на 30.000 војници.
Стејт департментот „нареди заминување на членовите на семејствата на претставниците на американската Влада“ од Белорусија, се наведува во соопштението.
Дипломатскиот сервис, исто така, ги предупреди Американците да не патуваат во Белорусија „поради произволното спроведување на законот, ризикот од притвор и невообичаеното и пренатрупано руско воено присуство на границата на Белорусија со Украина“.
Според САД, Москва веќе префрлила околу 5.000 војници во Белорусија.
-Видовме докази дека Русија има намера до почетокот на февруари да го прошири своето присуство на повеќе од 30.000 војници во близина на белоруската граница со Украина, изјави американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд во Советот за безбедност на ОН вчеравечер, додавајќи дека силите ќе бидат „за помалку или повеќе од два часа северно од Киев“.
Но, нејзиниот руски колега, Василиј Небенза, ги отфрли обвинувањата, изјавувајќи дека Вашингтон е „во хистерија“ кога свикува состанок на Советот за безбедност за состојбата во Украина.Тој додаде дека ниту еден руски функционер не се заканил дека ќе ја нападне поранешната советска република и дека на Украинците им бил испран мозокот од „русофобијата“ на Западот.