Панамериканската здравствена организација (ПАЗО) им го одзела на Соединетите Американски Држави статусот на земја во која малите сипаници се искоренети, објави весникот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.

Тоа претставува голем пресврт за држава која со децении успешно ја држеше под контрола таа заразна болест што може да се превенира со вакцинација.

САД го добија статусот во 2000 година, по спроведувањето обемни кампањи за имунизација и програми со кои на милиони деца им беше овозможена бесплатна вакцинација.

Многу експерти за јавно здравје и епидемиолози очекуваа дека САД ќе го загубат статусот, со оглед на наглиот пораст на бројот на заболени во изминатите две години.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, оваа година се регистрирани повеќе од 5.400 случаи на мали сипаници. Толкав број заболени не бил забележан уште од периодот пред елиминацијата на болеста во 2000 година.

Сојузните држави Пенсилванија, Њујорк и Висконсин само овој месец пријавиле вкупно пет смртни случаи од мали сипаници.

За повторно да го добијат статусот на земја во која болеста е елиминирана, САД ќе мора да го запрат нејзиното ширење во период од најмалку 12 месеци.

Панамериканската здравствена организација засега не ги коментирала медиумските извештаи.