Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Германија ќе учествува во можните нови преговори за ставање крај на руската војна против Украина – за кои рече дека ќе се одржат „во наредните недели“ – додека лидерите на Европската унија разговараа за тоа кој треба да зборува во име на блокот, јави ДПА.

„Германија ќе биде таму, тоа е апсолутно јасно“, рече Мерц денеска на маргините на самитот на Европската унија во Даблин.

Дискусијата за тоа кој ја претставува Европа во преговорите со Русија повторно се разгоре откако европските претставници не учествуваа директно во разговорите меѓу Русија и Украина, со посредство на САД, кои се одржаа претходно оваа недела во Абу Даби.

Меѓутоа, делегации од Германија, Франција, Обединетото Кралство, ЕУ и НАТО беа присутни во Абу Даби.

Американскиот преговарач Џаред Кушнер вчера навести дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да прифати европско вклучување во процесот.

Разговорите со европско учество „се очекува да се одржат за првпат во наредните недели“, изјави Мерц денеска, пренесе германската агенција.

„Ние, се разбира, ќе продолжиме да ги застапуваме заедничките европски интереси и таму“, рече Мерц, кој очекува во процесот да биде вклучена истата група Европејци што веќе беше присутна во Абу Даби.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, ги повика присутните лидери да се придржуваат до сегашните правила на ЕУ, според кои таа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја претставуваат ЕУ во прашањата поврзани со надворешната и безбедносната политика, потсетува ДПА.