САД денеска жалат и го одбележуваат најтрагичниот датум во својата понова историја – 18 години од терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Со повеќе настани се слави храброста, пожртвуваноста и споменот за првите спасувачи кои дојдоа на местото на нападот кај Кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.
Давид Алварез, син на неодамна починатиот пожарникар, Луис Алварез, за Си-Ен-Ен раскажа светли спомени за својот татко, укажувајќи дека „неговите внуци ќе бидат горди за наследството што го остави нивниот дедо, како еден од првите спасувачи кои одговорија на повиците за помош од Кулите близначки во Њујорк“.
Се одбележува и во Вашинтон, каде претседателот Доналд Трамп утринава одржа говор на меморијалните гробишта во Арлингтон, и пред Пентагон. Потпретседателот Мајк Пенс, пак, замина во Шанксвил, Пенсилванија, каде се урна четвртиот авион, и оддржа говор во спомен на пожртвуваноста и неизмерливата храброст на патниците.
Утрото на 11 септември 2001 година четири патнички авиони, три кои полетаа од Њујорк, еден од Вашингтон, беа киднапирани од 19 киднапери-самоубијци, членови на терористичката организација „Ал-Каеда“.
Летовите 11 и 175 на „Американ Ерлајнс“ и „Јунајтед Ерлајнс“ од Њујорк, се урнаа во двете кули близначки. Неколку часа по експлозивните удари, од предизвиканиот пожар и високи температури, зградите се разурнаа до темел, предизвокувајќи невидена деструкција на околните објекти во тој дел од Менхетен. Загинаа вкупно 2.606 лица, вклучувајќи и многу спасувачи и пожарникари.
Летот 77 на „Американ Ерлајнс“ од Вашингтон се урна во западниот дел на зградата на Пентагон, при што загинаа 180 лица, вработени во Министерството за одбрана и патници. Четвриот авион, летот 93 на „Јунајтед Ерлајнс“, падна во поле во округот Сомарсет, Пенсилванија, при што загинаа 44 лица, вклучувајќи ги и киднаперите.
По нападите, сите патнички летови во САД беа приземјени три денови, додека меѓународните летови кон САД беа забранети и пренасочени кон Мексико или Канада.
Терористичките напади на 11 септември, датум во САД познат како 9/11, се најсмртоносен непријателски акт врз САД по јапонските воздушни напади врз пристаништето Перл Харбор, во декември 1941 година.
Нападот на Пентагон е најтрагичниот напад на непријателска сила во Вашингтон по палењето на американскиот Капитол од страна на британските војници за време на војната во 1812 година.
Нападите се сметаат и како најтрагичен терористички акт во историјата на човештвото.
После овие напади, тогашиот претседател Џорџ Буш-помладиот прокламираше „војна против теророт“ на Вашингтон, што предизвика тектонски поместувања во односите помеѓу сојузнциците во НАТО и во светскиот безбедносен и геополитички пејзаж, чии последици се уште се чувствуваат.