Кина не обезбеди воена помош за Русија, но Соединетите Држави јасно ставија до знаење дека таквиот потег ќе има сериозни последици, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

„Пекинг ќе мора сам да донесе одлуки за тоа како да продолжи, дали ќе обезбеди воена помош. Но, ако тргне по тој пат, тоа ќе има голема цена за Кина“, рече Саливан во интервју за Си-Ен-Ен.

Саливан, рече дека Кина не презела чекори за давање помош, но исто така посочи дека Пекинг не ја отфрлил таа опција.

„Американските власти ги предупредија своите кинески колеги зад затворени врати за тоа што тоа би можело да ги чини“, рече Саливан, но одби да даде повеќе детали.

Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО се обидоа да ја предупредат Кина за таков потег во последните денови, јавно изнесувајќи ги уверувањата дека Кина размислува да и испорача смртоносна опрема на Русија.