Одлуката на САД да испратат поголема група современи борбени авиони од петта генерација Ф-35 на воени маневри на Пелопонез, се смета како потврда дека Вашингтон во Атина гледа како на доверлив балкански сојузник и како еден вид на американско „да“, за барањето на Грција и самата да ги набави тие стелт авиони, пренесе Бета.
Како што наведува порталот Балканска безбедносна мрежа, по барањето на Атина да набави американски Ф-35, Вашингтон упати такви стелт авиони во Грција на големи заеднички маневри, со што е потврдена подготвеноста да се направи на земјата да ѝ бидат достапни најновите воени технологи.
Авионите се испратени на грчко – американските маневри „Гневот на Посејдон 22“, што ќе траат до 20 јули, а набљудувачите забележаа дека за првпат во заедничките вежби на вооружените сили на двете земји, учествуваат борбени авиони од четврта и петта генерација Ф-15 и Ф-35.
– Истовремено, началникот на Генералштабот на грчката војска, генералот Константинос Флорос, е во официјална посета на САД. Покрај средбите со највисоки воени официјални лица, тој го разгледа производствениот погон на Ф-35 на Локид Мартин во Тексас“, се наведува во текстот.
Формалното барање за набавка на Ф-35 го најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за време на неодамнешниот НАТО самит во Мадрид.
– Грција очекува авионите да бидат испорачани 2027 или 2028 година. Тоа е долг процес и ние имаме простор во буџетот за купување, појасни грчкиот премиер.
Според грчки медиуми, една ескадрила ќе има 20 авиони, а доколку се набават две, ќе бидат вкупно 40 авиони Ф-35.
Западни медиуми во извештаи за грчкото купување истакнуваат дека Грција планира модернизација на 38 авиони Ф-16, што е уште една работа со Американците, како и купување 24 авиони Рафал и воени бродови од Франција.
Вооружената набавка се гледа во светло на растечките тензии со Турција. Со гранични инциденти, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган одби состанок со грчкиот премиер Мицотакис за време на НАТО самитот во Мадрид.
Како што пишуваа американски медиуми во мај, за време на посетата на Мицотакис на Вашингтон, Грција истовремено лобирала против потенцијални американски продажби на авиони Ф-16 на Турција, но и за влез на грчката авио-индустрија во програмата Ф-35.
Авионот Ф-35 има стелт можности за намалена радарска видливост и учесници на програмата се САД и уште седум земји. Одобрено е купување за уште шест земји. Грција може да биде деветта членка на програмата за производство, 15 корисничка на овој модерен авион и прва на Балканот.