Комисијата на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, која го истражува нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, го објави својот конечен извештај во кој го обвини поранешниот американски претседател Доналд Трамп за заговор.

Комисијата во извештајот наведува дека тоа е направено со цел да се осуети волјата на народот и да се поткопа демократскиот поредок и препорачува на поранешниот претседател да му се забрани повторно да ја извршува функцијата претседател.

Меѓу 11-те препораки што ги предложи комисијата како резултат на истрагата, има и предлог да му се забрани вршење јавна функција, што би го оддалечило Трамп од потенцијална претседателска кандидатура на следните избори, пренесува Си-Ен-Ен.

Во извештајот, комисијата цитира дел од Уставот на САД во кој се вели дека поединецот кој се заколнал дека ќе го почитува Уставот, но учествувал во бунт или обезбедил помош за непријателите на Уставот може да биде дисквалификуван од извршување јавна функција.

Комисијата, која ќе биде распуштена на 3 јануари, кога републиканците ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, спроведе повеќе од 1.000 интервјуа, одржа 10 јавни расправи и собра повеќе од милион документи откако беше формиран минатиот јули.

Во извештајот се оценува дека Трамп сакал да ги поништи изборните резултати и победата на Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година, а комисијата заклучува дека Трамп е виновен за насилниот бунт на неговите поддржувачи.

Според извештајот, Трамп знаел дека изгубил, но сепак извршил притисок врз државните претставници и американскиот потпретседател Мајк Пенс да ги поништат изборите.

Како што се посочува, тој бил директно одговорен за свикување на протестот кој подоцна стана насилен, а се забележува и дека одбил да ги осуди протестите или да побара од демонстрантите да го напуштат Капитол.

– Еден човек е главната причина за немирите што избувнаа на 6 јануари. Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој го следеа многумина, се наведува во резимето на извештајот и се додава дека немирите немаше да се случат без Трамп.