Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека значително ќе го намали бројот на бегалците кои ќе бидат примени во САД следната финансиска година, која почнува од 1 октомври, а ќе изнесува до 18.000 бегалци.
Во текот на оваа финансиска година бројот за прием на бегалци изнесуваше 30.000, но во текот на 2016 година администрацијата на претседателот Барак Обама си постави цел за прием на 110.000 бегалци.
Висок американски службеник изјави дека новиот бегалски праг ќе и овозможи на Владата да се фокусира на проблемите на јужната граница, кои беа означени како „кризни“.
Американските медиуми пренесуваат дека нема да има квоти за одделни региони во светот. Акцент ќе биде ставен на верски лица прогонети според религиозни причини и на Ирачани кои и помагале на американската војска во нивната земја. Соединетите Американски Држави ќе примат 1.500 луѓе од Централна Америка.
Белата куќа соопшти дека е претрупана со апликации за азил и бегалски статус, речиси еден милион барања.