Министерството за енергетика на САД одбива да предаде документи на Конгресот што се бараат во рамките на процедурата за импичмент на претседателот Дoналд Трамп, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Голем дел од бараните материјали се доверливи пораки на лица од извршната власт кои се заштитени со привилигии на власта, се вели во синоќешното писмо на Мелиса Бурнисон, претставник на Министерството, до раководителите на комисиите во Претставничкиот дом кои ја водат истрагата.

– Во моментов Министерството не може да го оствари вашето барање за испраќање докумети и комуникации, се вели во писмото.

Така, министерот за енергетика на САД Рик Пери е последно официјално лице кое одбива да предаде документи во рамки на истрагата за импичмент, истакнува „Политико“.

Претходно, повеќе американски медиуми објавија дека Пери ќе поднесе оставка. Трамп потоа изјави дека министерот за енергетика останува да го води Департментот до крајот на 2019 година.

Оставката на Пери се случува за време на започнатата процедура за импичмент на претседателот на САД. Во темелот на истрагата е јулскиот телефонски разговор на Трамп со претседателот на Украина, Володомир Зеленски. Во текот на разговорот Трамп настојува неговиот украински колега да започне истрага за активностите на Хантер Бајден во украинската енергетска компанија „Бурисма“. Хантер е син на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, политички ривал на Трамп кој се бори за номинација за претседателски кандидат од демократите.

Подоцна Трамп соошти дека за нов министер за енергетика го номинира Ден Бруиет.