САД неодамна обезбедија 17 милиони долари за зајакнување на капацитетите на албанската војска, изјави началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили.
Во интервју за Гласот на Америка, генералот Бегај појасни дека за време на состанок, што е одржан неделава со началникот на Генералштабот на американската војска, генерал Марк Мили, се зборувало за соработка меѓу двете земји, но и за војната во Украина.
– Немаме намера да вршиме агресија или да објавуваме војна на некого, подвлече Бегај.
Претходно неделава, имаше информации дека Албанија купила ракетни системи „Џавелин“ од американска компанија.
Бегај се осврна и на плановите на Албанија да купи хеликоптери „Блек хок“ (Црн јастреб).
– Верувам дека следната година, Албанија ќе ги има првите два „Блек хок“ во земјата, додаде меѓудругото Бегај.
Како што појасни тој, зголемувањето на капацитетите на авијацијата, нема да се финансира само со средства од САД, туку и од буџетот на Албанија.
Албанија, членка на НАТО, исто така е и една од земјите каде што се наоѓа штабот на американските специјални сили во Европа.
Генералот Бегај истакна оти присуството на американските специјални сили ќе помогне во советувањето на албанските вооружени сили.