Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави повторно враќање на санкциите кон Иран,  укинати по потпишувањето на Договорот за иранската нукеларна програма во 2015 година.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео и министерот за финансии Стивен Мнучин, нагласија дека санкциите се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран.

Санкциите ќе важат од понеделник, и ќе бидат казнувани и државите што нема да престанат со узвоз на иранска нафта, како и странски компании кои соработуваат со иранските фирми што се наоѓаат на т.н, американска „црна листа“.

Тоа се втор пакет санкции откако со одлука на Трамп во мај оваа година САД се повлекоа од нуклеарниот Договор со Иран.

Осум, засега неименувани, земји ќе бидат изземени од санкциите и ќе им биде овозможен привремен увоз на иранска нафта.

Според Помпео и Мнучин, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, не се повлече од Сирија и целосно не ја прекине својата програма за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.