Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ ќе продолжи со клиничките испитувања на својата експериментална вакцина против Ковид-19 во САД, откако ќе добие одобрение од надлежните органи, а „Џонсон и Џонсон“ исто така се подготвуваат да продолжат со тестирање на својата вакцина.

„АстраЗенека“ ги прекина клиничките испитувања во САД на 6 септември, откако на волонтер кој учествуваше во испитувања во Велика Британија му беше дијагностициран трансверзален миелитис.

Компанијата соопшти дека не е невообичаено волонтер да се разболи за време на клиничките испитувања и дека Управата за храна и лекови на САД ги разгледала записите за безбедност на вакцините собрани во испитувањата ширум светот и заклучила дека тестирањата може да продолжат.

„АстраЗенека“ минатиот месец ги продолжи тестирањата во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, иако Управата за храна и лекови сè уште ги проучуваше записите за безбедност на вакцините во тоа време.

„Џонсон и Џонсон“ го прекинаа испитувањето минатата недела затоа што еден доброволец се разболел.

Компанијата соопшти дека ќе продолжи со клиничките испитувања затоа што нема докази дека волонтерот се разболел поради вакцината.

Компанијата наведува дека испитувањата ќе започнат повторно во понеделник или вторник, а податоците за ефективноста на вакцината треба да бидат достапни до крајот на оваа година или почетокот на следната година.

Исто така, компанијата има намера да разговара со властите на други земји и да продолжи со испитувањата таму.

Околу една четвртина од Американците велат дека не се сигурни дали би примиле вакцина против Ковид-19.