САД изразија разочарување што не беше постигнат напредок во последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина и ги предупредија двете страни сериозно да ги сфатат обврските од Договорот за патот кон нормализирање на односите.
Неименуван портпарол на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека „времето истекува“ и дека САД „сакаат да видат напредок“.
-Сакаме да видиме напредок во однос на обврските преземени во дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО). Ќе се консултираме внатрешно и со нашите европски партнери за следните чекори, изјави синоќа портпаролот на американското Министерство за надворешни работи.
Тој додаде дека дијалогот со посредство на ЕУ е „единствениот пат напред за Косово и Србија“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се сретнаа вчера во Брисел, за прв пат од почетокот на последната криза на северот на Косово, која изби на крајот на мај.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по заедничката средба изјави дека и покрај големите напори „не е можно да се надминат разликите“, бидејќи Курти инсистирал на фактичкото признавање на Косово како прв чекор во спроведувањето на Договорот за патот до нормализирање на односите, додека Вучиќ го прифати компромисниот предлог на ЕУ.
Предлогот за компромис, според Борел, подразбирал дека паралелно се одвиваат политичките аспекти на нормализацијата на односите и процесот на формирање на ЗСО.
Борел, исто така, рече дека шест месеци по договорот меѓу Вучиќ и Курти во Охрид, за спроведување на Договорот за патот кон нормализација на односите, „сè уште не е започната имплементацијата на најважните точки“ и додаде дека тоа значи дека „и Србија и Косово директно и сериозно ги прекршуваат своите обврски преземени во дијалогот“.
Вучиќ рече дека вчерашната рунда дијалог во Брисел завршила неуспешно, бидејќи Приштина не го прифатила компромисниот предлог на ЕУ на патот кон нормализација на односите. Курти го обвини специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, наведувајќи дека го поддржува ставот на Србија дека формирањето на ЗСО е предуслов за спроведување на другите договори.