Американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за одлагање на воведувањето царини за увоз на автомобили произведени во земјите членки на ЕУ и во Јапонија, за период од 180 дена, соопшти денеска Белата куќа.
Како што јави ДПА, воведувањето царини за увозот на автомобили во САД ќе ги погодеше сите европски земји, но пред се Германија чии производители се најголеми извозници на возила на американскиот пазар.
Крајниот рок за воведувањето на американските царини истекуваше денеска.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Трамп му наложил на трговскиот претставник на САД, Роберт Лајтајзер да започне преговори со ЕУ и Јапонија за постигнување договори „со кои ќе се отстранат заканите по националната безбедност, што и нанесуваат штета на американската автомобилска индустрија“.
Пред три месеци американското Министерство за трговија достави извештај до Белата куќа во кој беше наведено дека увозот на автомобили претставува закана за националната безбедност на САД. Во извештајот се посочуваше дека Трамп има рок од 90 дена да донесе одлука за воведување царини за увозот на автомобили.