Изградбата на делот од „Турски поток“ низ Србија во должина од 403 км почна, а сите работи треба да завршат до 18 декември, пишуваат белградски „Вечерњи новости“.

Првата делница е од бугарската граница со Ќуприја, втората од Ќуприја до Дунав, третата од Дунав до Зрењанин, а четвртата делница ќе стигне до Суботица.

Како што пишуваат „Вечерњи новости“, делницата 1 се уште нема дозвола, а таа се очекува деновиве. Делниците 2 и 3 имаат добиено дозвола за работа.

Компанијата Гастранс, во која Србија има 49 отсто од сопственоста, а Газпром 51 отсто, ги има поднесено сите барања до српските државни органи.

Сепак, клучот на ширењето на „Турски поток“ во Југоисточна Европа го држи Бугарија. Бугарската компанија „Булгаргастранс“ за наредните десет години најави инвестиции од 4,8 милијарди евра за ширење на гасоводната мрежа во Бугарија. Засега, нема потврда дека овие пари се наменети за „Турски поток“.