Пчеларот Менде Трајковски од село Маково, Општина Новаци, доби освои сребрен медал за „мариовскиот органски мед“ на Меѓународниот саем за храна и земјоделство „АГРА 2018“ во Словенија.
Наградата ја освои во конкуренција од 147 примероци мед од Европа и пошироко.
Трајковски се занимава со пчеларење повеќе години и учествува на многу саеми, презентирајќи го најквалитетниот органски мед од Мариовско како најчисто, незагадено подрачје.
– Наградата многу ми значи. Од медот имав испратено мостри кои беа прегледани во лабораторија, а врз основа на резултатите одлуката за наградата ја донесе комисија составена од три члена. Големо е задоволството, а и сатисфакција не само за мене, туку и за регионот и државата. Ова е доказ дека и ние имаме квалитетен органски мед, дека и ние можеме да произведеме добар производ, вели Трајковски.
Наградата доаѓа во време кога се спроведува процедурата за брендирање на „мариовскиот мед“.
– Во Словенија потпишавме Декларација со пчеларски сојузи од Словенија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Србија, Република Српска и Македонија со која бараме медоносната пчела да биде прогласена како загрозен вид поради климатските промени, загадениот воздух, прекумерната употреба на пестициди, чадот… Декларацијата ќе ја испратиме до владите на државите од Европа и пошироко. Со тоа очекуваме подобрување на состојбите во пчеларството, дополни Трајковски кој е и претседател на Еколошкото здружение „Кајмакчалан“ со седиште во мариовското село Маково.
„Кајмакчалан“ ја почна иницијативата за брендирање на „мариовскиот мед“ од што се очекуваат поголема промоција надвор од држаата и сузбвање на нелојалната конкурекција.
– Досега имаше случаи кога продавачи на мед го користат името мариовски мед, иако е произведен во друг регион. Затоа сакаме да го брендираме бидејќи сите ги знаеме здравствените придобивки од медот. Манипулациите ќе ги снема со брендирањето на производот. Медарите од Мариово на етикетата ќе можат да го стават географскиот знак за потеклото на производот, потенцира Трајковски.