Лидерот на побројното крило на албанските опозициски демократи, Сали Бериша денеска ги повика граѓаните масовно да учествуваат на утрешниот протест, кој е најавен дека ќе се одржи пред Собранието во 17 часот, за кога е закажана пленарна седница.
– Револуцијата нè повикува! Утре сите пред Парламентот, повика Бериша.
Одржувањето протест пред Собранието тој најави на вчерашниот протест, во знак на незадоволство што Советот за етика на законодавниот дом 10 дена од неговата работа исклучи осум пратеници, негови приврзаници поради недолично однесување и блокирање на говорницата на последната седница.
Апел за што помасовно учество, на утрешниот и сите други протести, упати и лидерот на Партијата на слободата и поранешен претседател на Албанија, Илир Мета, за, како што рече да се стави крај на времето кога од кабинетот на премиерот излегува само мизерија, депопулација и депортација на илјадници Албанци.
– Народот никогаш нема да дозволи премиерскиот кабинет да произведува само мизерија, која поттикнува депопулација на земјата и протерува стотици илјади Албанци, особено млади и деца, од нивната татковина, рече Мета.
Бидејќи утрешниот ден албанската влада го прогласи за ден на национална жалост за настраданите во Турција и Сирија, засега нема потврда од Министерството за внатрешни работи дали ќе даде дозвола за протестот.